János Eifert - Photographer

Културни новини од Цветанка Трајковска, Macedonia, Skopje, 2009. január 15. (четврток)

city-radio-947-fm-kulturin-novini-2skopje-macedonia-009.01.151

 

Културни новини 15.01.2009 (четврток)
Напишано од Цветанка Трајковска    
15.01.2009.

Изложба на фотографии од познатиот унгарски уметник Јанош Ејферт ќе биде отворена вечерва во Чифте-амам во Скопје со почеток во 19 00 часот. Фотографот Јанош Ејферт е значајна фигура не само во унгарската уметност, туку и пошироко. Неговите дела не можат да се дефинираат стилски, бидејќи тој постојано во своите дела трага и употребува различни техники и уметнички изрази. Досега имал 160 самостојни изложби и учествувал на 650 групни изложби, добил голем број на награди, признанија и дипломи. Поседува огромна колекција на негови фотографии работени во 33 земји во светот. Неговите дела се често сценографија за бројни театарски претстави како и филмски и телевизиски остварувања. Вечерашната изложба ќе ја отворат директорката на Националната галерија на Македонија, Маја Крстевска, амбасадорот на Унгарија, Ференц Кекеши како и Роберт Јанкуловски, директорот на Македонскиот центар за фотографија.
 
Македонскиот кандидат за номинација за „Оскар“ филмот „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Стругар Митевска испадна од трката. Членовите на Американската академија за филм веќе ја објавија потесната листа на кандидати од девет филма кои ќе се борат за оваа престижна номинација. „Јас сум од Титов Велес“ имаше три и пол месечна кампања и, како што пренесоа медиумите, добри проекции и реакции во Палм Спрингс. Филмот беше претставен и во престижните списанија „Вараети“ и „Холивуд репортер“. Неговото претставување и неговата кампања во САД целосно ја поддржа македонскиот Филмски фонд. Инаку, филмот беше во трка и за европските филмски награди и добро ја претстави својата земја на бројни фестивали, освојувајќи и повеќе награди. Филмот имаше, а и допрва ќе има дистрибуција во голем број земји во светот.
Во Народниот театар „Јордан Хаџиконтантинов Џинот“ во Велес се подготвува претставата „Мушичка“ од Руцанте, по режисерско видување на младиот Никола Ристов, во чиј комплетен дизајн е и целата постановка (музика, сценографија и костимите). Во оваа комедија играат актерите: Зорица Панчиќ, Слободанка Чичевска, Јордан Витанов, Зоран Љутков, Едмонд Сотир, Кирил Гравчев и други.
Во Драмскиот театар во Скопје започнаа подготовките на претставата „Жената како воено орудие“ од Матеј Виснек а во режија на Владлен Александров од Бугарија. Пиесата на Виснек е исклучителен текст во кој се потенцира жестокоста на војната, национализмот и искривените претстави за хуманоста. Главните улоги во „Жената како воено орудие“ им се доделени на Билјана Драгичевиќ – Пројковска и Ирена Ристиќ. Премиерата на претставата е закажана за 7 февруари.
Во просториите на Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје, утревечер во 20 00 часот ќе биде отворена изложба на младиот скулптор Бејтула Заими. Во рамки на изложбата ќе бидат презентирани скулптури, релјефи и барелјефи. Во изработката на своите дела, авторот користи разни материјали како бакар, дрво, хартија, мермер и гипс. Во делата се забележува неговиот истражувачки дух, желбата да експериментира како со материјалите така и со боите. Со тоа се забележува и неговото познавање и умешноста во користењето бои. Изложбата ќе ја отворат професорот на Државниот тетовски универзитет г-дин Решат Амети како и директорот на Националната галерија на Македонија, Маја Крстевска.